Болницата во Бардовци без персонал и со мизерни услови, директорот Авдулаи: Започна делумната реконструкција на болницата
Болницата во Бардовци без персонал и со мизерни услови, директорот Авдулаи: Започна делумната реконструкција на болницата

Недостатокот на персонал не е единствениот предизвик со кој се соочува Психијатриската болница „Бардовци“ во Скопје. Тешките услови дополнително ја отежнуваат работата на персоналот ангажиран во оваа установа.

Со цел барем малку да се олеснат условите за работа на лекарите, но и престојот на лицата кои примаат третман во оваа клиника, директорот Иса Авдулаи започна делумна реконструкција на клиниката.

Реконструкцијата започна од одделението за ургентна психијатрија за мажи, кое според директорот Авдулаи било во исклучително лоша и неподнослива состојба.

ИСА АВДУЛАИ, ДИРЕКТОР НА ПСИХИЈАТРИСКАТА БОЛНИЦА „БАРДОВЦИ“

Ова е одделение за ургентна психијатрија, односно тука првично ги сместуваме ургентните случаи што ги примаме. Бидејќи ова одделение беше одделението со најлоши услови, ако можам да кажам и најмизерни, уште со моето доаѓање како директор и со преземањето на функцијата имав за цел најпрво да започнеме токму со ова одделение. Минатата недела започнавме со неговата реконструкција. Во моментот кога ја започнавме реконструкцијата, тука имаше 57 пациенти, иако капацитетот е 40 кревети, што значи дека одделението беше преполнето.

Во периодот на реконструкцијата, пациентите на кои им е потребен третман, како што информираше Авдулаи, се очекува да бидат примани во други одделенија и државни болници. Пациентите кои биле хоспитализирани во одделението што моментално се реконструира, се распределени во други одделенија кои се под надлежност на психијатриската болница.

ИСА АВДУЛАИ, ДИРЕКТОР НА ПСИХИЈАТРИСКАТА БОЛНИЦА „БАРДОВЦИ“

Главниот предизвик го имаме со персоналот, односно имаме недостиг на здравствен кадар и буџет. Но сметам дека со добро менаџирање, во буџетскиот дел може да се создадат услови. Сега се надеваме дека Министерството ќе ни одобри здравствен кадар, за барем малку да се зголеми бројот на здравствени работници и болницата да може да функционира како болница.

Психијатриската болница „Бардовци“ е болница во која се сместени и се третираат пациенти и граѓани со ментални нарушувања, а нивниот третман сам по себе претставува предизвик. Сепак, тоа дополнително се отежнува поради староста на објектите и недостатокот на елементарни услови.

 

За повеќе информации и видео од тековните активности, погледнете на YouTube.