За нас  

Податоците на СЗО покажуваат дека водечки здравствен и социоекономски  проблем во светот  и  во земјите на европскиот регион, се незаразните заболувања.

za_nas

Во светот 450 милиони луѓе постојано страдаат од ментални и невролошки растројства, а 1.5 милијарди луѓе, од кои три четвртини живеат во земјите во развој страдаат од едно или повеќе невропсихијатриски заболувања. Бројот на лица на кои периодично им е потребна психијатриска помош или некој друг вид на професионално советување или помош секако е многу повисок и во основа не може точно да се процени.

Нараснатата свест за неопходноста од редефинирање на улогата на психијатријата и психијатриските институции, во смисла на напуштање на концептот на психијатриската болница како архаична институција на социјална ексклузија, стигматизација и повредување на човековите права и потребата од премин кон осмислена, планирана, интегративна и пред се хумана ментално-здравствена политика е водечки тренд во идните развојни планови на институцијата - Психијатриската болница “Скопје” - Скопје.

Развојната стратегија на Болницата е во согласност со Националната стратегија за ментално здравје на Република Македонија. Таа предвидува интензивирање на започнатите реформи во менталното здравје низ целосна поддршка на  процесите на децентрализација и деинституционализација. За таа цел, преодниот период на трансформација на постоечките болнички служби ќе продолжи и ќе се интензивира, низ процеси на високо селективна политика на болнички приеми, временски ограничени болнички лекувања, постојано намалување на болничките капацитети и подобрување на стандардите за лекување. Освен тоа, ќе се развиваат алтернативни форми на трајно згрижување и резиденцијално сместување на лицата во хронична фаза на менталните растројства и без социјална поддршка. За реализација на овие програми неопходни се системски решенија низ колаборативен, мултисекторски пристап, на што во следниот период ќе се посвети особено внимание.

ЈЗУ Психијатриската болница „Скопје”-Скопје, се наоѓа на левиот брег на реката Лепенец, во близина на устието во реката Вардар, на 7 км одалеченост од центарот на Скопје. Според регионалната поделба, му припаѓа на северниот здравствен регион со 1.072.000 жители.