Историјат  

Формално историјата на Болницата започнува со Одлуката за основање на републичка Болница за душевно болни во с. Бардовци, објавена во “Службен весник на НРМ” од 17 декември 1954. Целта, според истиот извор  е : “…да ги прибира, сместува и лекува душевно-болните лица од НРМ..”

Задачите, дефинирани според еден друг документ (решение на И.С. бр.341) се: “…да се бави со научно истражувачка работа и да работи на унапредувањето на превентивата и на терапевтската дејност во сузбивањето и лечењето на нервни и душевни болести и да го обезбедува обавувањето на научната и истражувачка работа со дидактичка цел за потребите на Медицинскиот факултет на Универзитеот во Скопје”.

Во формирањето на Болницата и воопшто за воспоставување на психијатриската служба во Република Македоноија, значајна е работата на проф. д-р Божидар Никетиќ. Во почетоците стручниот дел од работата го извршувале проф. д-р Стефановски, проф. д-р Филдишевски, д-р Стојанов Спаско и д-р Никола Пандилов, кој од 1956 год е и првиот управник на Душевната болница “Бардовци”.

Според првиот список на вработени од 1956 год. работата ја извршувале 39 вработени. 

По барање на проф. Никетиќ, соодветна литература, лично искуство и знаења, консултации и сугестии на повеќе стручни лица, познатиот архитект инг. Кубеш (Чех по националност) изготвува проект за тогашната болница, која е јадрото и на сегашниот облик на Болницата. Двата идентични комплекса (центри), секој со по 2 симетрични одделенија и предвиден капацитет од вкупно 220 кревети (по 55 на секое одделение), со сепарирани простории за персоналот и останатата инфраструктура; централна болничка кујна, перална, котларница, работилници, автогаража и објекти за болничката економија, се првичните болнички објекти кои и денес, и покрај неколкуте реконструкции, реадаптации, и натаму си ја зачувале првобитната намена. 

Понатамошен развој на Болницата

1965-1975

Во првите десет години од работењето, капацитетот беше доволен да ги задоволи потребите за болничко лекување. Веќе од 1965 год. овие капацитети стануваат недоволни, се користат сите расположиви простори  за сместување на болнички кревети. Во 1968/69 год. во Болницата дневно се лекуваат повеќе од 700 болни на простор што е предвиден за 260 стандардни болнички кревети. Ова е условено од повеќе фактори, како што се постојаниот пораст на болните кои имаат потреба од психијатриска болничка здравствена заштита, постојаниот прилив на болни од тогашното САП Косово, како и од фактот дека се до 1968 не биле проширувани болничките капацитети.

Во 1968 започнува проширувањето  болничките просторни капацитети. Оваа година е започната изградбата  на еден павилјон со капацитет од 60-70 нестандардни кревети. Во 1969 е изграден уште еден ваков објект со капацитет  за околу 100 болни. Но и  со ова не се задоволуваат потребите и постојаниот проблем со прекубројни пациенти не е решен. Поради тоа во 1970 започнува изградба на нов објект во кој се сместуваат две психијатриски одделенија (акутно машко и женско), лабораторија, ЕЕГ кабинет, аптека и библиотека. Со отварањето на новиот објект се заокружува  капацитетот на Болницата на 700 болнички кревети. 

Оваа деценија означува нова фаза и во однос на стручниот развој во работата на Болницата.

Во 1967 год. започнува да работи служба за алкохолизам со што се одвојува третманот на зависноста од алкохол (потоа и наркомании) од душевните болести.

Во 1968/69 год. како промоција на идејата за работна терапија, рехабилитација и ресоцијализација која што постои и се практикува уште во почетоците на работата на Болницата, е основано одделението за работна терапија, рехабилитација и ресоцијализација.

Дневно на одделот се ангажирани од 120 до 150 корисници на услуги, кои биле работно анимирани во економијата на Болницата, како и во браварската, токаро-резбарската, чевларската, кројачко-шнајдерската работилница и женска рачна работа. Нивното работно ангажирање било организирано и надгледувано од ото-педагог и мајстори-инструктори.

Во 1969 година биохемиската лабораторија се осовременува со нови методи на лабораториска дијагностика.

Оваа година зпочнува да работи интернистичка служба со ЕКГ лабораторија.

Седумдесетите години донесуваат примена на нов тераписки модел, сосема се напушта примената на инсулинскиот шок, се користат невролептици од нова генерација, се развива ставот за социјална рехабилитација (според тогашната терминологија), развој на “систем на лекување со отворени врати”- екстра-хоспиталните служби

Во декември 1968 год. е отворен Диспанзерот за психози со амбулантно-поликлуничка дејност. Специјалистичката и субспецијалистичката дејност се одвиваат преку неговите: Оддел за психози со патронажна служба за домашно лекување (моноваленентна патронажна служба и до денес единствена од овој вид во републиката), Одделот за епилепсии со ЕЕГ кабинет, Оддел за психоневрози и Оддел за наркомании и други зависности, социјална служба и психолог.

Во април 1973 започнува со работа Дневната болница за психози со полустационарна дејност и рехабилитациски работилници, а во 1974 год. Дневната болница за алкохолизам со полустационарна дејност.

Во периодот од 1975-1985 Болницата е речиси целосно профилирана што се однесува до изградба, реконструкција опремување воспоставување на субспецијалистички служби.

Во 1981 год. е завршена изградбата на  два болнички тракта, со вкупна корисна површина од 1600 м2.. Во овој период Болницата ги обавува следните дејности:

•    Амбулантно -поликлиничка здравствена заштита

•    Болничка здравствена заштита

•    Медицинска рехабилитација

Во составот на Болницата се 6 болнички центри со одделенија распоредени  во болницата и 3 екстрахоспитални објекти

 

Во 1987 год. е завршен објектот на приемната амбуланта со простории за дежурните лекари. 

Истата година е пуштен во работа објектот во Кисела Вода  со:

•    Одделение за психосоматика

•    Одделение за пред токсикомански алкохолизам

•    Дневна болница за алкохолизам, која што во новиот објект е  преселена од просториите во нас. Карпош.

Во 1987  одделенијата за психогеријатрија, за судска психијатрија ’ дел од одделенијата за зависности во екстрахоспиталата-Кисела Вода и интерното одделение, добиваат статус на центри кои пружаат врвна (терцијарна) здравствена заштита.

Во 1980, Болницата повторно го добива статусот на наставна база на Медицинскиот факултет (кој престанал во 1965 год. поради недоволно стручни кадри) и професорите проф. д-р Ј. Јовев и проф. д-р П. Кировски, со докторите од Болницата со звање аститенти  одржуваат предавања и вежби од преметот психијатрија.

1985-1995

На ова место, сакајќи да ја евоцираме  декадата, нема да изнесуваме податоци за изградба на објекти, развивање на служби, туку ќе укажеме на сî појасната свест за потребите од реформи во психијатријата. Реформите во психијатриската служба се потребни секаде каде се применува хоспитален третман на ментално болните лица. Реформите значат промена на моделот на ментална грижа, промена на условите за лекување како и промена на ставот кон менталните растројства. Пред сî со реформите се нагласува важноста на психосоцијалната рехабилитација.

Состојбата на психијатриската болница „Скопје” во однос на условите на лекувањето и третманот е речиси идентична со другите психијатриски болници во Македонија. Може да се каже, дека хоспиталните услови и хоспиталниот третман во незначителна мерка се разликуваат од оние применувани десет, дваесет или триесет години наназад. Доминантниот  модел на третманот на пациентите е  клиничко-медицинскиот модел, т.е. психијатрискиот модел, кој се карактеризира со претежно биолошки пристап во терапијата при што преовладува  медицинскиот персонал како главен носител на дејноста. Ваквиот третманот овозможува редукција на психотичните симптоми, но закрепнувањето од менталната болест не може да се спроведува само со медикаметозна терапија, резултатите од ваквиот третман ќе бидат минимални во установите, каде што пациентите контактираат единствено само со другите пациенти и со болничкиот персонал. Исто така ќе бидат минимални, ако се запоставува важноста на разновидните активности кај душевно заболените лица, кои го потпомагаат процесот на рехабилитацијата. 

Социјалната и работната рехабилитација се слабо развиени облици на грижа за менталното здравје или пак сосема изостануваат.  Но, и  онаму  каде  што се скромно застапени, тие се подредени на медицинскиот  модел  и   ја  немаат  за цел интеграцијата на пациентите во заедницата (во семејното,  социјалното и  работното опкружување).  

Во психијатриски болници пациентите престојуваат и повеќе години по престанување на медицинската индикација за лекување  затоа што немаат каде да се вратат. Пред сe, тоа се должи на недостигот на други соодветни резиденцијални структури, неприфатеност од семејството или немање семејство и непостоење на средства за егзистенција. За голем број пациенти станува збор за повеќе години живеење во амбиент на психијатриска болница, без комуникација со светот, без услови за задоволување на најнеопходните потреби од информирање, одржување  на релации со средината, контакт со другите сфери на интерес, афирмирање на своите желби и потреби.

Подоцна, на Вториот Македонски конгрес на психијатрија, 2000 проф. П. Кировски во својот уводен реферат во зборникот на трудови  “Современи насоки за реформи во психијатријата” укажува на потребата од “...редефинирање на теоретската и научна психијатриска мисла и нејзиниот однос кон општествено-хуманитарните достигнувања, со што ќе се редефинираат дијагностичките, терапевтските и рехабилитациски програми со нови цели и поинаков општествен ангажман. Тоа ќе предизвика натамошно рушење на досегашните изолациони, заштитнички, патерналистички психијатриски болници и ќе услови создавање на вонболнички служби: советувалишта, кабинети, дневни и ноќни болници, клубови и др. односно една Служба за заштита на менталното здравје и психијатриска служба за дијагностика и третман  кои ќе бидат блиску до природната и социјална средина на секој човек и ќе применуваат методологија на ефикасна стручна работа со психодинамска и социо-динамска ориентација, условена од целосната интеграција на психијатријата во заедницата. 

1995-2005

Оваа декада е во знакот на подготовки за реформи во психијатрија, кои формално започнуваат во 2001 година, со отворање на центарот за ментално здравје “Пролет”. 

2005- 

Под знакот не реформите кои се во тек е и сегашната организациска структура на Болницата